Со сечење црвена лента денеска беше пуштен во употреба новиот мост на река Отиња во Штип

Откако градоначалникот, Иван Јорданов, и советникот, Душко Иванов, ја пресекоа црвената лента во употреба беше пуштен новиот мост на река Отиња кај штипската Гимназија. Новиот мост се наоѓа веднаш до веќепостоечкиот и двата треба да овозможат двонасочен сообраќај преку реката во овој дел од градот.

„Го пуштаме во употреба мостот на река Отиња, којшто значително ќе ја подобри состојбата со сообраќајниот метеж во централното градско подрачје. Знаете дека двете сообраќајници низводно на река Отиња, „Васил Главинов“ и „Маршал Тито“ се главен проблем и фокус на којшто работиме за проширување на коловозните ленти, но и со изградбата на овој мост за намалување на сообраќајниот метеж коишто се создаваат во текот на денот“, истакна градоначалникот Јорданов.

Јорданов додаде дека продолжува и изградбата на конзолите. Во следните денови, вели тој, ќе започне и изградбата на конзоли на река Отиња на потегот од новиот мост до Плоштадот „Слобода“, за што веќе се обезбедени финансиски средства и е избран економскиот оператор.

„Благодарение на Амандманот на пратеникот Никола Мицевски, обезбедивме 5.000.000 денари, а дополнително со кофинансирање од Општина Штип од 2,5 милиони денари. Обезбедени се потребните средства, избран е најповолен економски оператор, којшто деновиве ќе започне со градежните активности, и очекуваме до крајот на годината да се заврши и овој потег. Планирани се и потезите од текстилното училиште до Основниот суд за да се прошират двете сообраќајници“, додава Јорданов.

Дополнително, до крајот на годината ќе се осветли и кејот на река Отиња од ЈП „Исар“ до ректоратот на Универзитетот „Гоце Делчев“ во штипско Ново Село. Новиот мост на река Отиња, кој денеска беше пуштен во употреба, пак, е инвестиција вредна 5 милиони денари.

Ребека Спасова М-Нет