Дивите пазарџии повторно се „вдомија“ на тротоарите и паркинзите кај пазарот во Штип, се бара решение

Узурпирани јавни површини, продавачи на земјоделски производи по тротоарите, поплаки од страна на граѓаните во Штип, револтираност кај продавачите на пазарот – ваква е сликата и оваа година кога се во прашање продавачите од околните градови кои своето место го нашле покрај градскиот пазар во Штип. Дивите пазарџии веќе се „вдомени“ на повеќе тротоари и паркинзи кај пазарот, проблемот стои нерешен подолг временски период. Градоначалникот, Иван Јорданов кој утринава беше на лице место вели дека мора да се соработува со сите надлежни институции за да се надмине овој проблем. Тие како Локална самоуправа можат само да пишуваат глоби, но истите не вродуваат со плод.

„И годинава очекува дивите пазарџии кои доаѓаат од околните градови во нашиот град и ги узурпираат јавните површини да создаваат проблем кај месното население. Јас повикувам до надлежните институции, пред се пазарна инспекција, СВР Штип, заедно со комуналните инспекции од страна на Општина Штип да бидат во координација за да може да се делува и да се спречи тенденцијата којашто последователно со години се случува“ – вели Јорданов.

Дополнително на овие проблеми се додаваат и комуналниот неред и нехигиена, како и измамата на потенцијалните купувачи. Се заедно води до ситуација која бара под итно решение, со цел купувачите да пазаруваат квалитетно, а притоа да не бидат измамени, но и да се реши проблемот со комуналниот неред на едно од најраздвижените места во градот.

„Дефинитивно освен изрекување на глоби, мора да се конфискува робата која тие ја носат овде за да се спречи понатамошно узурпирање на јавните површини. И она кое што се случува и го сведочат нашите сограѓани односно создавање на комунален неред, нехигиена и измама на потенцијалните купувачи. Сакам да апелирам и до нив да внимаваат од кого купуваат“ – додава Јорданов.

Проблемот идентичен беше и претходната година, кога на терен се бараше решение со повеќе надлежни институции. Претходно реагираа и продавачите кои легално продаваат на градскиот пазар во Штип и за тоа уредно плаќаат. На пазарот има доволно место, за да се постават тезги и да се продава уредно.

Лаура Стојанова М-Нет