ДЗС: Просечната нето-плата изнесува 45 943 денари, за девет проценти повисока од лани

45.943 денари е просечната нето плата во Македонија, за девет проценти повисока во споредба со истиот месец минатата година. Официјалните податоци на државниот завод за статистика покажуваат дека во октомври 2025 година платите продолжуваат да растат, но прашањето останува колку овој раст се чувствува во секојдневието на граѓаните?

Најголемо зголемување на просечната месечна нето-плата е забележано во дејностите на здравствена и социјална заштита, каде растот изнесува 13,3 проценти. Следуваат административните и помошни услужни дејности со 13,2 проценти, како и секторот поврзан со недвижен имот, каде платите се повисоки за 10,9 проценти во однос на октомври минатата година.

„Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во октомври 2025 година, изнесува 45 943 денари. Во октомври 2025 година, во однос на октомври 2024 година, просечната месечна исплатена нето-плата по вработен е повисока за 9.0 %.

Ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Дејности на здравствена и социјална заштита за 13.3 %, Административни и помошни услужни дејности за 13.2 % и Дејности во врска со недвижен имот за 10.9 %.
Зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: Дејности во врска со недвижен имот за 9.5 %, Информации и комуникации за 4.2 % и Административни и помошни услужни дејности за 3.6 %.“, стои во соопштението на ДЗС

И покрај зголемувањето на платите, граѓаните велат дека високите цени на основните производи и услугите го намалуваат ефектот од повисоките примања. Останува да се види дали трендот на раст на платите ќе продолжи и во наредниот период и дали тоа ќе значи реално подобрување на животниот стандард.

Иван Митев, М-Нет