Децата од градинките и училиштата ќе учат за селекција на отпад, селекцијата во Штип незадоволителна

Мал број од граѓаните во Штип вршат селекција на отпад, а најчесто се селектира стаклото. Една од причините за тоа е недоволниот број садови или т.н. ѕвона за селекција на отпад на територија на општината, но и недоволната едукација и заложба од страна на граѓаните.

„Со селекција на отпадот има поставено нови контејнери кои се за стакло, за хартија, за пластика и за лименки. Моментално, од мое лично искуство, можам да кажам граѓаните не го селектираат отпадот. Најчесто се селектира стаклото, бидејќи Општината има поставено повеќе зелени ѕвона за стаклен отпад, додека од жолтите и сините контејнери има во помали количини. Луѓето, граѓаните не се научени да го селектираат отпадот“, истакна Везенков.

За решавање на овој проблем, Општината во соработка со Пакомак од утре започнува да спроведува проект за едукација на најмалите во однос на селектирањето на отпадот. Ќе се започне со едукативни настани на кои преку видео-презентација на децата од градинките и основните училишта ќе им се претстави и објасни селекцијата на отпадот. Со цел градење здрави навики, утре во градинката „Вера Циривири – Трена“ ќе бидат поделени и здрави слатки работи.

„Во основното училиште ќе бидат опфатени од прво до петто одделение и наша замисла е да во секое одделение, односно со секој клас да имаме средба и на истата да го претставиме проектот преку видео-презентација на која секое едно дете ќе може да види, да поставува прашања, да се вклучи преку некоја активност додека го презентираме“, посочува Маријана Зенделова од Општина Штип.

„Очекуваните резултати од овој проект се да можеме да набавиме контејнери од сите овие видови во голем број, да бидат покриени сите локации во централното градско подрачје и целта е да ги научиме граѓаните дека треба да го селектираат отпадот, а знаете дека за да научат граѓаните треба да почнеме од најмалите“, додава Везенков.

Проектот во ваква форма ќе трае до крајот на тековната учебна година, а од есен повторно ќе следат настани во областа на зачувувањето на животната средина. Резултатите треба да бидат долгорочни, односно да се видат и по три или пет години.

Ребека Спасова М-Нет