Прогласени најдобри читатели, промовирана книга – одбележан Денот на книгата во Кочани

Со низа настани Библиотеката во Кочани го одбележа Светскиот ден на книгата и авторското право. На манифеставијата беа прочитани пораките, кои секоја година се објавуваат по повод 23 април. Најдобрите читатели беа прогласени во Подрачната библиотека во Оризари, каде во училиштето „Крсте Петков Мисирков“ се одржа и интерактивна средба со предавање и креативно пишување.

„Најпрвин имавме прогласување на најдобри читатели во Подрачната библиотека во населба Оризари. Тоа беа Теодора Захариева, ученичка во четврто одделение во ОУ „Крсте Петков – Мисирков“, и Ирена Спасова во категорија на возрасни. Читателите ги избираме според однапред определени критериуми, а тоа е број на прочитани книги и редовноста при нивното враќање“, вели Румена Тодорова, виш библиотекар, координатор на проектот.

Во Градската библиотека во Кочани беше промовирана збирката раскази на авторката Николовска. Ова е нејзина втора книга, како што вели, за сите генерации.

„Сега имаме промоција на мојата книга раскази. Значи, јас сум авторка на стихозбирката „Чекајќи го животот да се случи“, ова е мојата втора издадена книга – „Расказите раскажуваат“. Сметам дека би требало да споменам дека книгата е наградена и како резултат на тоа е потпомогната од Фондацијата ТАКЕЦ за да излезе на виделина, односно да го види белиот ден. Книгата се состои од 14 раскази, меѓутоа не е за одредена целна група, што значи не е одредена возраст. Сите би можеле да најдат еден раскаж којшто ќе им се допаѓа, од најмала до најголема возраст“, вели Елеонора Николовска, авторка.

Настанот продолжи со литературно читање лични творби на членовите на ЛК Копнеж, а одбележувањето го збогатија музичките точки во избедба на ученици од училиштето „Ристо Јуруков“ во Кочани. Најдобри читатели беа прогласени и во Градската библиотека.

„Сега тука, во 13:30 часот, имаме промоција на книгата „Расказите раскажуваат“ од Елеонора Николовска, а на крај членовите на нашиот ЛК Копнеж ќе ни читаат лични творби за Денот на книгата. Во Градската библиотека во Кочани најдобри читатели во категорија возрасни е Мишо Цеков, а во категорија деца – Ана Николова“, додава Тодорова.

Светскиот ден на книгата и авторското право се одбележува секоја година на 23 април, како симболичен датум во светската книжевност поради Каталонскиот фестивал во Шпанија и во чест на смртта на великаните на светската книжевност, Вилијам Шекспир и Мигел де Сервантес.

Ребека Спасова М-Нет