Детонит Плачковица е најдобар второлигаш од Истокот, останатите менуваат тренери и се борат за опстанок!

По десет одиграни кола во Втората македонска фудбалска лига можеме да направиме пресек на резултатите и истите да ги сумираме.

Фокус ќе ставиме повеќе на второлигашите од Истокот. Со една реченица можеме да кажеме дека Детонит Плачковица го обеле образот на источните второлигаши, бидејќи речиси сите со исклучок на Беласица водат тешка борба за опстанок. Детонит Плачковица води борба за историски успех, а пак останатите второлигаши од Истокот менуваат тренери и се борат за опстанок.

По долги години Втората лига од оваа сезона се игра во една група односно како единствена, бидејќи до минатата сезона Втора лига се играше во две групи – Исток и Запад. Со формирањето на единствената Втора македонска фудбалска лига, второлигашите од Истокот водат тешка борба да го задржат второлигашкиот статус.

Ланскиот второлигаш Детонит, како и Плачковица, која пред две сезони испадна од Втора лига, кога Детонит влезе во второлигашкото друштво се фузираа во еден клуб – Детонит Плачковица. Новиот клуб на радовишани предводени од штипскиот тренер Горан Здравков нижи големи резултати и води борба за местата кои водат во Првата македонска фудбалска лига.

Здравков минатата сезона го спаси Детонит од испаѓање во Трета лига – Исток, откако го презеде клубот на полусезона и буквално од испаднат го врати во трка за опстанок и успеа во првичната цел – директен опстанок во Втора лига – Исток.

По десет одиграни кола Детонит Плачковица има шест победи, две ремија и два порази, па со 20 освоени бодови ја дели четвртата позиција заедно со Пелистер. Ако се погледне целата табела, Вардар е лидер со 25 бодови, само пет повеќе од Детонит Плачковица, втор е Гостивар со 24 бодови, а пак третопласирана е Воска Спорт со 23 бодови. Густо и неизвесно на врвот од табелата и местата кои водат во Прва лига.

Од друга страна, останатите второлигаши од Истокот водат тешка борба за опстанок. Исклучок можеби до некаде е Беласица која е во златната средина, меѓутоа, ниту струмичката гордност нема некој посериозен капацитет во моментот или по пресекот на првите десет кола за висок пласман на табелата.

Беласица е на десеттото место со 12 освоени бодови, со скор од три победи, три ремија и четири порази. Беласица во последните неколку години два пати влегуваше во Прва лига и имаше само епизодна улога – експресно испаѓање. Лани, струмичани завршија на второто место на табелата зад Победа, која сега е прволигаш. Второто место на Беласица и донесе бараж со прволигашот Скопје, но истиот беше загубен (2:1) на Градскиот стадион во Штип, со што Беласица остана второлигаш.

Наместо прогрес, засилување на тимот, се случи спротивното. Младиот тренер Александар Стојанов, кој направи големи резултати со Беласица си замина по завршувањето на ланската сезона, а клубот на стартот од новата сезона започна со лоши резултати, па тоа резултираше со тренерска смена во Струмица. На местото на Шефки Арифовски дојде младиот тренер Благој Гуцев, но работите не одат на добро, па Беласица во моментот е во златната средина, а екипите од долниот дел на табелата дишат во врат.

Останатите второлигашите од Истокот се позади Беласица и водат борба за опстанок, но таа борба ќе биде исклучително тешка.

Кожуф е место подолу на табелата (11. место) со 10 освоени бодови. Иако значително засилен во текот на летниот преоден рок, тоа не резултатираше со висок пласман по десетте одиграни кола во ВМФЛ. Наместо добри резултати, тренерска смена поради лоши резултати и во Гевгелија. Ѓоре Јовановски си замина, а на негово место дојде 58-годишниот штипски стручњак Трајче Сенев.

Слога од Виница по цели два месеци конечно победи, а триумфот го обезбеди новиот тренер Крсте Крстев. Второлигашот од Виница во првото коло триуфираше над Борец (1:2) во Велес на 24. август, а вториот сезонски триумф го забележа дури во десеттото коло против Тетекс во Тетово (0:3) односно на 30. октомври.

Крстев, кој е повратник на кормилото на Слога обезбеди три многу важни бодови кога е во прашање опстанокот на второлигашот од Виница. Слога сега е на 12-тото место со девет бодови, а во следното коло на домашен терен ќе игра против лидерот Вардар.

Тренерска смена имаше и во Македонска Каменица, таму Иван Варадиновски беше заменет со Љупчо Димитковски – Гањо од Кавадарци. „Рударите“ минатата сезона се бореа за Прва лига, а годинава се на дното и водат борба за опстанок.

Борец е на последното место на табелата и нема ниту еден триумф во новата сезона односно десет одиграни натпревари и десет порази. И во Велес имаше тренерска смена, но ниту тоа не дава резултат. Благоја Петров и Димче Тодоровски си заминаа од Борец, а за нов тренер беше назначен Никола Аврамовски, додека пак за негов прв помошник Туш Зефиќ. Сепак, Борец нема триумф уште од минатата сезона кога играше во Првата македонска фудбалска лига, па доколку работите конечно не тргнат на добро, дефинитивно велешани ќе останат и без второлигаши фудбал, па од следната сезона ќе гледаат само третолигашки натпревари.

За крај можеме да кажеме дека Детонит Плачковица го обеле образот на второлигашите од Истокот, бидејќи речиси сите сменија тренери, но никако да направат резултати за висок пласман на табелата.

Автор: Александар Ванев