
23 коло во Втората македонска фудбалска лига ни го носи и дербито на Истокот, Каменица Саса и Осогово во директно соочување за опстанок во второлигашкото друштво. Воедно ова ќе биде дерби и од дното на табелата.
Саса одигра катастрофална есенска полусезона, но двете пролетни победи за вкупно три во цела сезона ја вратија Саса во живот да се надева барем за опстанок преку бараж, откако во претходно коло загуби од Победа во Прилеп во директно соочување за опстанок.
Осогово е во нешто подобра ситуација и може да се надева на сигурен опстанок, односно да се избегне баражот бидејќи „жетвари“ кои лани се натпреваруваа во Трета лига – Исток се наоѓаат во бараж зоната со 20 бодови или само бод помалку од сигурната зона на табелата.
Првото соочување на овие две екипи кое беше во Кочани заврши без победник (1:1), а во меѓусебните дуели Каменица Саса е поуспешна. Овие две екипи од 26. септември 2017 година заклучно со последното соочување на 7. октовмри минатата година одиграле вкупно 14 натпревари, 12 во рамки на Втората лига и два пријателски меча.
Седум пати триумфирала Саса, Осогово само два пати, а пет средби завршиле без триумф.
Сосема очекувано стадионот во сабота во Македонска Каменица ќе биде исполнет до последното седиште со поддршка за „рударите“, но сигурно е дека ќе пристигне поддршка и за „жетварите“ од Кочани.
Триумф за Саса ќе значи враќање на голема врата за опстанок барем преку бараж, а триумф за Осогово може да значи и конечен излез од опасната зона, а Саса во тој случај ќе биде поблиску до испаѓање во Трета лига – Исток.
Александар Ванев, М-Нет