
Четвртото коло на ракометната Суперлига на Македонија ни го носи и дербито меѓу Вардар и шампионот Еурофарм Пелистер. Вардар оваа сезона сака да ја освои шампионската титула по пауза од две сезони, а пак битолчани сакаат трета титула во низа.
Големото дерби ќе се одигра во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје со почеток од 17:45 часот, а билетите веќе се пуштени во продажба.
Радовиш имаше три тешки натпревари на стартот од новата сезона, а сега доаѓаат натпревари на кои радовишани ќе треба да освојуваат бодови, кои ќе бидат важни во битката за опстанок. Во СРЦ „25 Мај“ доаѓа екипата на Бутел, во меч каде двете екипи силно ги посакуваат двата бодови. Радовиш оди на први бодови и прва победа, а Бутел на втор сезонски триумф.
Алкалоид на домашен како фаворит ќе го пречека тимот на Прилеп, кој во Автокоманда нема да дојде со бело знаме и ќе се обиде да направи изненадување против фаворитот кој е предводен од Кирил Лазаров.
Во „Билјанини Извори“ ќе се соочат екипите на Охрид и Тиквеш каде победата е императив и на двете страни. Охрид тргна одлично со три од три и ќе бара четврта победа во низа, а Тиквеш во Охрид ќе бара позитивен резултат, во неизвесниот меч во кој Охрид ќе биде благ фаворит.
Пролет не тргна според посакуваното во новата сезона има две ремија и еден пораз, а сега против дебитантот Бисинов ќе ја бара провата победа во новата сезона. Скопскиот тим има два бодови на своето конто, колку што има и Бисинов кој на стартот од сезоната ја доби Струга, а потоа запиша два порази во низа.
Куманово на домашен терен ќе се соочи со Струга во меч каде практично се очекува да има израмнета борба за двата бодови, со оглед на тоа што триумфот од тој меч им е важен и на двете екипи во обид да се обезбеди место во плеј-офот.
Александар Ванев, М-Нет