Штип ќе биде домаќин на меѓународниот турнир во борење „Трофеј штипски боречки асови“, кој ќе се одржи во „Џексон“

Штип ќе биде центар на борењето на 1 ноември, кога во Спортскиот центар „Џексон“ ќе се одржи меѓународниот турнир во борење „Трофеј штипски боречки асови“, во организација на боречкиот клуб Балканец од Штип, со поддршка од општина Штип.

Турнирот ќе ги собере младите борачи кои ќе имаат можност да ги покажат своите квалитети, да стекнат ново натпреварувачко искуство и да се дружат со свои врсници. Свеченото отварање е закажано за 14 часот, додека натпреварите ќе започнат во 11 часот.

Програмата започнува на 31 октомври, кога во 17 часот ќе се одржи техничка конференција, а од 18 часот е предводено мерењето на екипите од странство. На 1 ноември, од 9 до 10 часот, ќе се врши мерење на екипите од Македонија.

Во машка конкуренција се предвидени повеќе категории. Момчиња родени 2017 – 2018 година 25 и 30 килограми, момчиња родени 2014 – 2016 година 34 и 38 килограми, момчиња родени 2012 – 2014 година од 44, 48 и 52 килограми и У-17 момчиња родени 2009-2011 година со килограми од 48, 51, 55, 60, 65, 71, 80 и над 92 килограми.

Во женска конкуренција предвидени се две категории, девојчиња родени 2015 – 2017 година 30 килограми и У-17 девојчиња родени 2009 – 2011 година 53 и 69 килограми.

За сите тежински категории важи толеранција од еден килограм.

Организаторите информираат дека секој натпреварувач треба да приложи лиценца од БФСМ, пасош или извод од матичната книга на родените, како и медицински преглед не постар од шест месеци.

Од БК Балканец упатуваат покана до сите љубители на борењето да присустуваат на оваа спортска манифестација, со надеж дека нивното присуство ќе придонесе за уште подобра атмосфера и успешна организација на турнирот.

„Трофеј штипски боречки асови“ претставува можност за промоција на борењето, афирмација на младите таленти и продолжување на богата боречка традиција во Штип.

Александар Ванев, М-Нет