
Судењето за трагичниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“ продолжува. Денеска во фокусот на судењето беше испитувањето на градежниот вештак со дополнителни и вкрстени прашања од одбраната. На претходното рочиште беа отворени прашања за опфатот на вештачењето и безбедносните аспекти на дискотеката, додека семејствата на загинатите очекуваат постапката да донесе целосно расветлување на причините и одговорноста за трагедијата.
Пред почетокот на рочиштето, родител на едно од загинатите деца, во име на семејствата на настраданите, изрази поддршка за работата на Јавното обвинителство. Тој оцени дека вкрстеното испитување на претходното рочиште отворило сериозни прашања и противречности во исказот на вештакот на одбраната.
Според него, во судската постапка е особено важно стручните тврдења да се темелат на објективни и проверливи сознанија, а сите докази да бидат разгледани темелно и непристрасно. Тој порача дека процесот не е само за утврдување правна одговорност, туку и за расветлување на трагедијата и барање правда за загинатите.
На претходното рочиште, градежниот вештак остана на ставот дека од градежен аспект објектот одговорил на својата намена и дека изведените зафати претставувале градежно-занаетчиски работи.
Од друга страна, обвинителството отвори прашања за опфатот на вештачењето, безбедносните аспекти на објектот и претходните професионални ангажмани на вештакот.
Судењето го води судијка, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ избувна за време на концерт на групата ДНК, на 16 март 2025 година. Во трагедијата загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.
Ева Тушевска, М-Нет