
Продолжува борбата во Трета лига – Југ за првото место кое води кон баражот за Втора лига, а овој викенд во рамки на 22. коло ќе се одигра дербито меѓу второпласираниот Превалец и лидерот Борец. Само три бодови е разликата меѓу овие две екипи, некогашниот прволигаш од Велец е прв со 52 бодови, а Превалец на своето конто има 49 бодови.
Ако Борец го добие овој меч веќе сигурно оди кон шампионска титула во Трета лига – Југ и ќе се подготвува за второлигашки бараж, а со тоа можност велешани експресно да се вратат во Втора лига, откако минатата сезона испаднаа во Трета лига – Југ.
Влогот од овој меч е голем и пресуден. Триумф за Превалец ќе значи дека двете екипи ќе имаат ист број на бодови. На првото соочување Борец со минимални 1:0 беше подобар од Превалец, меч кој се одигра во Велес.
Веќе во Трета лига – Север стана јасно оди Еуромилк ГЛ ќе биде шампион и ќе игра бараж за Втора лига. Ако до претходното коло имаше неизвесност и можност за изненадување, киксот на БВК Коњаре го искористи лидерот од Горно Лисиче за да се зацврсти на првото место.
Сега некогашниот прволигаш Еуромилк е лидер со 55 бодови, а пак БВК Коњаре е втор со 48 бодови.
Ако Борец го доби дербито со Превалец, ќе биде во друштво со Еуромилк на сигурни екипи кои одат во бараж за Втора лига, а слично ќе биде и со Камјани, кој е лидер во Трета лига – Запад.
Камјани е на првото место со 40 бодови, два повеќе од Влазерими кој е втор, но треба да се истакна фактот што Камјани има меч помалку, кој доколку го добие ќе има пет бода повеќе. Веќе овоиј викенд Влазерими е слободен, а пак Камјани оди на тешко гостување во Брвеница кај третопласираниот Вардар, ако тука лидерот слави ќе има сериозен чекор кон баражот за Втора лига. Во таков случај Камјани ќе има плус пет, а во последното коло ќе се соочи со со Влазерими, ако дотогаш нема кикс Камјани, тој меч нема да има влијание.
Во Трета лига – Југозапад останува трката на Влазними од Струга, Славеј, Могила и Караорман, со тоа што Влазними и Могила имаат меч помалку.
Најмногу во предност е Влазними кој е прв со 28 бодови, со два повеќе од Славеј кој е втор, а ако тој меч го доби струшкиот тим ќе има плус пет и ќе оди кон тоа да игра бараж за Втора лига. Овој викенд Влазними ќе го пречека Кораб, Могила ќе биде домаќин на Напредок од Ношпал, Кравари ќе игра Караорман, а пак Демир Хисар ќе се соочи со Света Троица.
Во Трета лига – Исток, како и што претходно најавивме трката е меѓу Овче Поле и Победа Валандово, со тоа што тимот од Валандово има три натпревари помалку, кои ако ги добие ќе избие пред тимот од Свети Николе.
Александар Ванев, М-Нет