Дербито без голови, Саса го освои Тетово, Осогово потона во Охридското Езеро

Гледачите на телевизија М Нет одново имаа можност да уживаат преку директни преноси од Втората лига.

Лидерот Беса на домашен терен одигра 0:0 во дербито со Детонит Плачковица со што радовишани дома носат храбар бод, а лидерот може да жали за овој резултат бидејќи имаше многу пропуштени шанси.

На спортскиот канал М Нет Спорт можевте да го следите дуелот меѓу Победа и Беласица кој заврши без победник (0:0).

Христијан Коцев донесе победа и три бода за Скопје кој слави во дуелот со Вардар Неготино со 1:0.

Бојан Спиркоски обезбеди три бода за Пелистер кој слави со 1:0 над Кожуф, а победа од 1:0 слави и Башкими над Новаци со голот на новото засилување Хусеин Демири.

Саса преку пресврт го освои Тетово откако со 1:3 славеше над Тетекс. “Штофарите” со голот на Марио Станковски стигнаа до 1:0, а потоа гостинот Бекир и голгетерот Дуков за 1:2 и водство, а печат на втората сезонска победа за Саса стави Алексовски.

Осогово “потона” во Охридското Езеро откако Охрид “пукна петарда” за убедлива победа од 5:0 над “жетварите” од Кочани.

Ново засилување Масевски беше двоен стрелец, а по еден гол постигнаа Скоко, ново засилување Димоски и Кадриоски.

Арсими со 3:0 го декласираше Караорман и прави притисок за третото место и баражот. Рамадани беше двоен стрелци, а Цуцули постигна еден гол.

Александар Ванев, М-Нет