
Четврти јануари се слави како Меѓународен ден за Брајово писмо во чест на раѓањето на креаторот, Луј Брај. Создавањето на такво писмо во тоа време значело приклучување на мала група луѓе кон останатиот дел од човештвото, а слична важност има и денес. Од Здружението на слепи лица во Штип велат дека писмото е доста застапено ширум државата, но само на лекови, некои банкомати и слично, а не и во институции каде слепите лица непречено ќе ги читаат добиените документи.
„Тука се малку хендикепирани, да кажам, во таа смисла. Треба во сите институции да има начин да се користи тоа Брајово писмо за да може и слепото лице кога ќе му достават некоја покана, некое известување од некоја институција да биде напишана на Брајовото писмо за да ја прочита, а не да моли некој да му асистира за да се запознае со самата содржина на поканата“, вели Витанов.
Почетоците на Брајовото писмо се во деветнаесеттиот век, но и ден-денес работата не е завршена. Потребно е институциите со заеднички сили целосно да го обезбедат членот 24 од Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, што предвидува непречено образование. Сепак, компјутерите и паметните уреди последниве две децении овозможуваат се’ повеќе млади слепи луѓе наместо да читаат брајови книги, да слушаат аудио книги.

„Писмото е создадено во 1821 година, во Франција, било измислено во војната како начин за ноќна комуникација меѓу војниците. Меѓутоа, тоа било малку покомплицирано писмо, со тоа што имало 12 точки. Потоа, Луј Брај, слеп професор во Франција, го усовршил писмото и дошол до 6 точки. Целата азбука, сите знаци – математички и музички, се составени од тие шест точки“, објаснува Витанов.
Витанов вели дека училиштето во Кисела Вода е доволно, бидејќи кај нас нема интерес да се изучува Брајовото писмо. Постарите лица со годините го губат чувството на допир, поради што е потешко да се читаат брајови книги.
Лаура Стојанова М-Нет