Денот на републиката бил најпопуларен празник во Југославија, а и денес се памети

Пред повеќе од три децении Југославија го одбележувала Денот на републиката. Денешниот ден – 29 ноември, во минатото шест децении поврзувал шест републики, а денес само е датум за сеќавање кај генерациите од т.н. „време на Југославија“.

Денот се одбележувал во спомен на прогласувањето на федералното уредување на Југославија на уставотворното собрание во 1943 година, Второто заседание на АВНОЈ. Како таков бил дури позначаен и од Нова Година, пропратен со интересни практики.

Првачињата на тој ден станувале Титови пионери. Во училиштата полагале заклетва со приредби и читање состави чија тематика била љубовта и почитта кон Јосип Броз Тито. Секој пионер добивал сина капа (титовка), црвена марама и црвена пионерска книшка. Партизанските филмови биле задолжителни, а неработниот ден бил вистинско уживање за народот.

За одбележувањето на значајниот ден и сеќавањата ги прашавме штипјани, кои велат дека добро го паметат овој ден.

„Се сеќавам, многу убаво беше тогаш, прославувавме два дена. Подобро беше тоа време, се знаеја човековите права, сега веќе го нема тоа.“

„Некому, можеби, не му недостасува, но мене ми недостасува тоа време. Беше подобро. Беше тоа празник за вработени, невработени и ученици, за сите.“

Со распадот на СФРЈ престанало и одбележувањета на овој ден во сите републики на поранешна Југославија, освен во Србија каде останал како празник во Сојузна Република Југославија се до 2002 година.

Во некои градови и денес скромно се одбележува овој ден од група повозрасни граѓани, имајќи предвид дека овој датум своевремено бил еден од најпопуларните југословенски празници. Затоа поединци и денес со голема желба го прославуваат, иако Југославија повеќе не постои.

Ребека Спасова МНет