
Илинден или Ден на Св. Илија е голем македонски национален и православен празник, кој се одбележува на 2 август. Илинден има посебно значење за историјата на македонскиот народ заради тоа што на 2 август започнало Илинденското востание во 1903 година, а во 1944 година е одржано Првото заседание на АСНОМ. Денес, илинденската традиција е испреплетена со патриотски, фолкорни и религиски симболи, што го прави Илинден еден од најважните празници во Македонија. Едно од најавтентичните настани за Илинден е традиционалното пристигнување на коњаниците во Крушево кои на традиционалниот Илинденски марш секоја година тргнуваат од скопско Горно Лисиче на 27 јули. Постои и маршрута на планинари кои од Скопје пеш одат кон Мечкин Камен. Св. Илија (Громовникот) е еден од култните свеци кај православните Македонци, бидејќи православната црква го има поистоветено со Перун Громовникот, од словенската митологија, кога вршела покрстување на Словените. Култот кон Перун бил широко развиен кај македонските Словени, па така тие го замениле своето омилено божество со христијанскиот светец. Овој култ кон Перун/Илија, и денес е присутен кај Македонците.
Лаура Стојанова, М-Нет