
Денеска е Велики Петок еден од најтешките христијански празници, денот кога е распнат Исус Христос. Му бил ставен венец од трње на главата и тежок крст на плеќите кој го носел до ридот Голгота, каде што е распнат. По патот тој бил плукан и навредуван од мнозинството народ.
Од утринава во црквите, храмовите и манстирите се служеа царските часови, посветени на погребението христово и неговото страдање, а се положи и плаштаницата на ковуклијата. Денеска според кажувања на предците и небото и земјата плачат и тагуваат заради неправедното убивање и распнување на нашиот спасител. Граѓаните ги посетија градската црква Свети Никола, како и црквите во Ново Село и населба Сењак. Сите со исти пораки и желба за здравје и мир.
„Денеска е најголем христијански празник и денеска денот се поминува во молитва. Да сме живи и здрави сите.“
Утре вечер пак пред полоноќ започнува големото повечерие и се слави христовото воскресение. Околу 11:30 часот почнува големото повечерие се читаат каноните и потоа се излегува надвор, се врти трипати околу светиот храм и на полноќ се чита евангелието, се пее „Христос воскресна“ и се објавува воскресението христово. Во недела се слави големиот христијански празник Велигден.
Православниот канон за Велипеток предвидува строг пост со вода, а многу верници на тој ден не пијат, ниту јадат до зајдисонце. За овој ден Црквата пропишува најстрог пост, денот да помине без јадење и пиење (освен за немоќните и престарените), во знак на таговно сеќавање на настаните од она време. Покрај постот, на денот на христијанската жалост не се работи по дома, ниту на поле.
Лаура Стојанова М-Нет