
Дел од третолигашите на Истокот реагираат по изјавата на министерот за спорт, Борко Ристовски, дека нема да има субвенции за Третата лига во било кој спорт, како и на самата изјава дека спортот не е земјоделска или социјална категорија па да се субвенционира.
Веќе е изготвена иницијатива во која се вклучени дел од клубовите на Трета лига – Исток, односно според нашите информации се работи за ФК Карбинци, ФК Дојранско Езеро, ФК Малеш и ФК Овче Поле.
„Реагираме на одлуката и изјавата на Министерот за спорт Борко Ристевски, со која информира дека клубовите од третолигашката конкуренција во Македонија нема да добијат финансиска помош од државата, односно нема да бидат опфатени со системот на ваучери. Веднаш на почеток да кажеме дека исклучуваме било каква политичка позадина на оваа наша реакција, политиката не не интересира, ние само сакаме да бидеме рамноправно третирани како и сите други спортски клубови кои настапуваат во официјална конкуренција во државата. Во секој случај, една ваква изјава можеби немаше да не изненади ако дојдеше од министер кој не бил спортист, но кога доаѓа од така големо има, од спортист со реноме како Борко Ристовски, во најмала рака е зачудувачки. Се надеваме дека станува збор за несреќна и избрзана изјава на министерот, кога кажа дека третолигашите не се социјална или земјоделска категорија па да добиваат субвенции. Настрана од таквата изјава, дискриминативна е одлуката само прволигаши и второлигаши да добиваат ваучери, а третолигашите, кои исто така се натпреваруваат во официјална конкуренција во истата држава, не во некоја соседна, да не добиваат ништо“, се вели во инцијативата.
Во Македонија има пет третолигашки региони кога е во прашање фудбалот како спорт, на Истокот засега најмногу се крева глас, но веќе и третолигашите од останатите региони започнуваат да се организираат со вакви иницијатива.
„Клубовите во третите лиги се во најголем дел финансирани од локалните самоуправи, и тоа се всушност средства за преживување. Во Третата лига многу е мал интересот за спонзорирање од компаниите, и за секој третолигаш од драгоцено значење би била помошта која се добива со државната помош, со ваучерите. Еден од аргументите на министреот беше и дека наводно со давањето ваучери не се подобрила состојбата, квалитетот во третите лиги. А дали се подобри во Првата, Втората лига? И не само во фудбалот? Тоа е прашање кое треба да се постави, и прашање дали во највисоките конкуренции квалитетот зависи толку м ногу од ваучерите или државната помош? А за третата лига, дефинитивно таква помош би значела многу. На крајот на краиштата, ако така се размислува, треба ли да постои Трета лига? Ете, нека ги нема тие повеќе од шеесетина клубови кои значат спортски живот и во некои помали средини (некаде и единствен спортски живот). Министерот потенцира уште еден аргумент, кој за волја на вистината, е единствениот кој реално држи вода. Тоа е дека во минатото имало злоупотреба при распределбата на ваучерите. И за поздравување е иницијативата да се расчисти со злоупотребите, да одговараат оние кои ги правеле. Но, дали не е повторно селективност или злоупотреба ако е вистина дека и сега дел од третолигаши добиле средства на крајот на минатата година, за што дел од второлигаши споделуваа скриншотови од апликацијата Openfinace. Зошто некои третолигаши би добиле, некои не“, е наведено во иницијативата.
Преку инцијативата дадени се и неколку начини како да се користи таа субвенција со цел да нема злоупотреби.
„Ако е проблем дека се можни злоупотреби од страна на клубовите, сметаме дека има решение и за ова. Средствата, доколку не одат по системот на ваучери кои потоа клубовите треба да ги реализираат со компании кои ќе имаат интерес за тоа (моделот кој функционираше пред некоја година), едноставно можат да се доделат без воопшто да стигнат до сметките на клубовите. Има неколку начини:
1.Сите клубови плаќаат котизација за учество во Третата фудбалска лига, па наједноставен начин е да им биде платена таа котизација, со тоа што средствата директно ќе бидат префрлени на Општинските фудбалски сојузи кои ги водат третите лиги, а клубовите ќе бидат ослободени од таа обврска.
2.Сите клубови се обврзани да имаат млади играчи , до 21 година. Може секој клуб да понуди тројца играчи до 21 година, на кои Министерството ќе им додели годишна стипендија, која ќе ја добива додека настапува во тој клуб.
3.Третата опција е доделување на спортска опрема на клубовите, што исто така е варијанта во која ќе се избегне можноста за злоупотреба, ако се смета дека тоа е единствениот проблем кога станува збор за можна злоупотреба“, е наведено во инциијативата.
Во Македонија има пет Трети лиги односно региони, тоа се Исток, Запад, Југозапад, Север и Југ. Веќе четири екипи на Истокот го кренаа гласот, во Трета лига – Југ најмногу е гласен лидерот Големо Коњари, реагираше и третолигашот Влазерими од Кичево. Според нашите информации се разговара оваа иницијатива да прерасне и во останатите региони и екипите од сите пет региони да се обединат преку заедничка иницијатива.
Александар Ванев, М-Нет