Делегација од Општина Штип ја одбележа годишнината од смртта на Генерал Михајло Апостолски

Денес се навршуваат 33 години од смртта на народниот херој Генерал Михајло Апостолски, воен теоретичар, политичар, историчар и народен херој.

По тој повод делегација од Општина Штип, предводена од градоначалникот, Благој Бочварски, положи цвеќе на спомен обележјето на оваа истакната штипска личност.

На одбележувањето на овој ден во Алејата на народните херои присуствуваа и претставници на Совет на Општина Штип, претставници од АРМ, директори на институции , граѓани и почитувачи на ликот и делото на Генерал Михајло Апостолски.

Генерал Михајло Апостолски е роден на 8 ноември 1906 година во штипско Ново Село, каде ги завршил оновното и средното училиште, а во 1927 во Белград завршил Воена академија. Во 1933 завршува Висока воена академија, а во 1938 г.

и Генералштабната академија. Во мај 1943 година бил назначен за генерал мајор.

На Второто заседание на АВНОЈ бил избран за член на Претседателството на АВНОЈ. При основањето на Македонската академија на науките и уметностите на 18 август 1967 година е избран за нејзин прв редовен член, за од 1976 до 1983 година биде претседател на МАНУ. Од 1978 до 1981 година бил претседател на Советот на академиите на науки и уметности на СФРЈ. Бил и член на и Советот на федерацијата.

На 11 октомври 1953 година бил одликуван со орденот Народен херој. Добитник е и на наградата АВНОЈ во 1978 година – највисоката награда која ја доделувала СФРЈ.

Починал на 6 август 1987 година во Дојран.

БИЛЈАНА ПОСТОЛОВА / МНет.мк