
Идните средношколци ја доставуваат потребната документација во средните училишта во Штип. Првото електронско пријавување на учениците беше од 10 до 15 јуни, а прелиминарната ранг листа на запишани ученици беше објавена во текот на вчерашниот ден на интернет страницата на Министерството за образование и наука.
„Во текот на денешниот ден, од 12 до 19 часот и утре до 07 до 19 часот сите примени кандидати ги доставуваат потребните документи во училиштето. Документацијата којашто треба да ја достават во училиштето се состои од: свидетелствата од шесто до деветто одделение, извод од матичната книга на родени и отпечатена пријава која што се генерира електронски“, истакна директорката на СОУ „Јане Сандански“ – Штип.
Потребната документација важи и за останатите средни училишта во Штип, а во средното медицинско училиште пополнет е 66% од капацитетот. Второто електронско пријавување ќе се спроведе во текот на следната недела.
„Ние може да се пофалиме со 178 пријавени кандидати, од нив веќе во првото пријавување имаме 153 примени, а ни остануваат само уште 75 слободни места. Јас во оваа прилика ги поканувам деветооделенци кои не успеаа да се пријават, во вторник и среда да го направат тоа електронски и во четврток да ги достават документите во училиштето“, додава Николиќ.
Во штипската Гимназија документацијата се доставува денес и утре во периодот од 07 до 19 часот, а во СОУ „Коле Нехтенин“ денес во периодот од 12 до 19 часот и утре во периодот од 07 до 19 часот. Согласно со конкурсот за запишување ученици во јавните средни училишта, во медицинското училиште се запишуваат 228 ученика, во штипската гимназија 238 ученика, во СОУ „Коле Нехтенин“ 272 ученика, а во текстилното училиште 93 ученика.
Ребека Спасова М-Нет