Две нови возила за одржување на зеленило и чистење на површините ќе набави штипски „Исар“

Напролет штипски „Исар“ ќе го одржува зеленилото со ново мултифункционално возило, а со уште едно такво ќе ги одржува и патеките во парковите. Директорот, Кирил Зајков, најави набавка на две возила која е предвидена за оваа година, а со цел да им помогне во работата. Тој вели дека годинава ќе има зголемување на динамиката на чистењето и уредувањето на јавните површини и сообраќајници, поради што ќе се опремат и со нови возила.

„За таа цел планираме да набавиме и ново мултифункционално возило кое ќе ни помогне за одржување на јавните површини т.е. на патеките во парковите, како и набавка на мултифункционално возило кое ќе ни помогне во справувањето со зелената или тревната маса која е реален проблем во периодот кој ќе следува т.е. во пролетниот период од годината. Тоа е нешто што во 2024 година како цел го имаме поставено и сме убедени дека ќе го реализираме. Набавката на оваа мултифункционална машина ќе помогне за полесно работење“, вели Зајков.

„Исар“ ќе продолжи и со примарната активност – промената на водоводни и канализациски мрежи, а и за тоа ќе им биде потребна нова технологија, чија набавка е планирана во Програмата за оваа година.

„Секако, овде е и набавката на соодветна технологија која ќе ни помогне за подобрување на услугите во делот на реконструкцијата на водоводните и канализационите мрежи. Планираме да продолжиме со активностите кои ги започнавме во населба Суитлак. Ќе се работи и на изработка на водоводна линија во населбата Плуждино“, додава Зајков.

Зајков во претходна прилика истакна дека како претпријатие не се задоволни од менаџирањето со отпадот од минатата година и од таа причина годинава активностите се фокусирани на таа активност.

Ребека Спасова М-Нет