
Две комунални возила на штипски Исар вчера собираа ѓубре во скопски Аеродром. По настаните во Скопје викендов и штрајкот на вработените во ЈП Комунална хигиена, Општина Штип испрати помош за да се помогне на скопските општини да се спасат со нередот и полните контејнери ѓубре. Градоначалникот Иван Јорданов вели дека ова следи откако вчера повик за помош добив од градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски. Со цел да се продлабочи соработката меѓу двете општини ама и да се помогне кога е најпотребно две возила на ЈП Исар биле испратени за Скопје. За ваквата услуга ќе следи и соодветна фактура и истата ќе биде платена.
„Добив во текот на вчерашниот ден повик од градоначалникот на Општина Аеродром. Ние веќе имаме воспоставено меѓуопштински соработки со многу општини, во зависоност од потребата Општина Штип понекогаш бара соодветна механизација, каналџетки и слично за да излеземе во пресрет на барањата и услугите кои треба да ги даваме кон нашите сограѓани. Обострано, некогаш ние помагаме со наша механизација, таков беше случајот во текот на вчерашниот ден. Две комунални возила беа пратени во Општина Аеродром да помогнат на општината, оваа услуга ќе биде исфактурирана за да биде платена. Ова е соработка меѓу двете општини“ – вели Јорданов.
Собраното ѓубре не било депонирано на депонијата Дрисла, оти не им дозволиле, па на враќање истото било депонирано на депонијата во Велес. Екипите на ЈП Исар се вратени во Штип во текот на ноќта откако ја завршиле својата работа во Аеродром.
Лаура Стојанова М-Нет