
Жителите од станбените згради во населба Автокоманда во Штип веќе нема да газат во кал и прашина. Денеска заврши поставувањето на павер елементи пред станбените згради, а во наредните денови бекатон плочи ќе се постават и пред останатите згради во оваа населба. Ќе се пристапи и кон хортикултурно уредување и осветлување на просторот.
„Заврши поставувањето на павер елементи на партерното уредување на неколку влезови од станбени згради во населбата Автокоманда. Во наредните денови ќе влезат екипи на ЈП Исар со хортикултурно уредување, поставување на садници, урбана опрема, канделабри, клупи и осветлување. По завршување на оваа позиција ќе продолжиме и во околните станбени згради во истата оваа населба“ – вели Јорданов.

За уредување на штипска Автокоманда се одвоени речиси два милиони денари. Во наредниот период се очекува активностите на терен да завршат и да се исполнат барањата на граѓаните од овој дел од градот. Во меѓувреме со слични проекти се работи и во остантите штипски населби.
Во тек е уредувањето на тротоарските површини во населба Леваци каде е предвидено и хортикултурно уредување и осветлување. Во меѓувреме ќе се осветли паркот Кртке, како и кејот на река Отиња.
Лаура Стоајнова М-Нет