
Денеска православните верници го празнуваат празникот Свети Трифун, католиците го слават Свети Валентин. Но, кај нас 14 февруари е познат како денот на добро вино и вечната љубов. Екипата на М-Нет телевизија беше на терен и ги прашавме граѓаните во Штип кој празник го празнуваат и на кој начин. Поголем дел од анкетираните граѓани беа повозрасни па согласни дека се празнува денот на виното, на стар традиционален начин, со закројување на лозјата и со добро вино. Ден на љубовата според нив е ској ден.
„Денот на виното, бидејќи православниот е денот на виното, а денот на љубовта е секој ден“
„Свети Трифун го славиме со ракиичка, со винце, со пача, месо, кебапчиња, се…“
„Ние имаме лозје, сопругот отиде да го закрои, да го направи адетот. Инаку младите го слават денот на вљубените, ние постарите денот на виното.“
Свети Трифун со векови се слави во православниот свет. Него го слават многу еснафи, а во прв ред се гостилничарите и винарите и лозарите бидејќи станува збор за заштиник на виното и на виновата лоза. Се вели дека добрите кафанџии на тој ден им точат бесплатно вино на гостите.
Постои верување дека годината ќе биде родна ако на Свети Трифун паѓа снег или дожд. Ако времето е убаво, не чека сушна година. Сепак по овој ден зимата полека почнува да попушта , тоа значи дека Свети Трифун на својот празник во земјата боцнува лозово гранче и снегот почнува да се топи.
Обичај е на овој ден да се зареже барем едно гранче од виновата лоза и да се залие со вино, за годината да биде родна , а во есен винот да биде слатко.
Лаура Стојанова М-Нет