Право на партиципација за деца со попречености во градинките ќе обезбеди Општина Штип

Право на партиципација во трошоците ќе обезбеди Општина Штип за деца со попречености од предучилишна возраст. Финансиските средства ќе бидат обезбедени од буџетот на Општината за 2022 година, а се дел од програмските активности за социјална, детска и здравствена заштита.

„Донесовме одлука со која ќе го обезбедиме правото на партиципација преку покривање на трошоците за згрижување и воспитување на деца од предучилишна возраст. Поточно, за деца со попреченост согласно со следнава категоризација: пречки во телесниот развој, интелектуална попреченост, најтешки облици на хронично заболување, оштетен вид или слух, потполно отсуство на говор, аутизам, повеќе видови попречености, деца со ретки болести. Согласно со направените истражувања на Општина Штип, истите средства ќе ги обезбедиме од буџетот на Општина Штип за 2022 година. Општината на овој начин активно ќе се заложи за сите категории на граѓани, а денешната одлука е само дел од она што ќе го реализираме во наредниот период“, истакна градоначалникот, Иван Јорданов.

Според Јорданов, со ова се прави чекор напред во унапредувањето на положбата на деца со попречености и деца со ретки болести. Ваквата одлуката беше изгласана на денешната седница на Советот.

Ребека Спасова М-Нет