Дарко Златев секојдневно оди на терапија во кочанската болница, задоволен е од персоналот ама кремите ги купува сам

Кочанчанецот Дарко Златев е еден од повредените од пожарот во дискотеката Пулс, кој секојдневно оди на физикална терапија во кочанската болница. По трагедијата во дискотеката тој беше 41 ден на лекување во Белград, а сега веќе десети ден по ред продолжува во кочанската болница. Не можел да ги движи прстите, но со помош на вежбите сега е многу подобар. Вели мора да се опорави за да продолжи со работа.

„Ова ми е десети ден како сум на физикална и секој ден е подобро и подобро. Не можев да ги движам прстите, сега веќе има доста напредок. Бев во Белград 41 ден, десната рака ми е со трансплантација, на левата рака има изгореници само на прстите.“ – вели Златев.

Кога е во прашање грижата за пациентите, услугите од целиот медицински кадар се на високо ниво вели Златев. Задоволен е од тоа како лекарите се грижат за повредените, но не и од условите во болницата. Дополнително вели дека кремите ги набавуваат сами.

„Немаме лепенки кои ни ги препишуваат докторите, стегачи немаме. Кремите сам си ги купувам.“ – додава Златев.

Со повредените работат тим од лекари физиотерапевти. Јагода Стојанова, вели дека пациентите најчесто не можат да ги користат прстите и се прават напори да се решат ваквите проблеми. Тие работат со најмалку 13 пациенти дневно.

“Пацинетите најчесто се со контракутури на сите зглобови. Тоа е резултат на недвижење и лежење во кревет и не можеа да ги користат прстите за основни работи. Нашата цел е да ги вратиме во нормалниот тек на живеење.“ – вели Стојанова.

Физиотерапевтите работат со реквизити кои им помагаат на пациентите да прават вежби за да можат да ги движав своите прсти.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет