Дарио Ивановски одличен во Севиља, со трет најдобар маратон во неговата кариера


Македонскиот маратонски рекордер Дарио Ивановски продолжува да испишува историја на меѓународната сцена. Членот на АК Скопски Маратон блесна на престижниот Zurich Seville Marathon, каде денеска оствари извонреден резултат од 2 часа, 12 минути и 23 секунди.
Станува збор за трет најдобар маратон во неговата кариера, со време кое речиси целосно го повторува фантастичниот настап од Valencia Marathon, уште една потврда за неговата константност и припадност во европската и светската елита.
Со овој резултат, Ивановски и официјално обезбеди пласман на Европското првенство кое оваа година ќе се одржи во Бирмингем. Нормата е исполнета со убедлива сигурност, а формата најавува дека македонскиот атлетичар ќе биде подготвен за уште еден голем предизвик на континенталната сцена.
Дополнително, резултатот му носи и нов двегодишен статус „Спортист од меѓународна категорија“, признание кое го доделува Министерство за спорт, како потврда за врвните достигнувања на национално и меѓународно ниво.

Ивановски повторно го оправда статусот олимписки стипендист на Македонскиот олимписки комитет, како дел од подготовките за настап на Летни олимписки игри 2028. Континуитетот на врвни резултати го позиционира како еден од најсериозните македонски кандидати за достоен настап на најголемата спортска сцена.
Настапот во Севиља е уште една силна порака дека македонската атлетика има лидер кој чекори сигурно, дисциплинирано и шампионски. Дарио Ивановски продолжува да ја носи Македонија рамо до рамо со најдобрите во светот.