
Градскиот фудбалски клуб Охрид Лихнидос преку официјално соопштение реагираше на, како што наведуваат, „невистините и јавниот линч“ кои се појавиле во текот на денешниот ден, поврзани со наводни сомнителни активности околу натпреварот со Работнички.
Од клубот потенцираат дека станува збор за амбициозен проект со јасни цели, што, според нив, се потврдува и со резултатите на терен, бидејќи Охрид моментално се наоѓа на првото место на табелата во Втората фудбалска лига.
„Професионална должност на сите медиуми е да ги проверат информациите пред истите да ги објават“, порачуваат од клубот, додавајќи дека во текот на целата сезона биле изложени на, како што велат, бројни судиски неправди, но досега не реагирале јавно.
ГФК Охрид ги повикува надлежните институции да ги објават доказите за наводно примени пријави за сомнителни уплати и активности. Во спротивно, најавуваат дека ќе сметаат оти станува збор за оркестриран напад и дека сериозно ја разгледуваат можноста за преземање правни мерки против сите инволвирани.
Во соопштението се прави споредба и со други екипи кои во контролни натпревари претрпеле високи порази, без тоа да предизвика сомнежи или реакции од јавноста.
„ГФК Охрид секогаш се залага за фер и спортско однесување и никогаш не бил, ниту ќе биде дел од какви било задкулисни игри“, се наведува во реакцијата.
Од клубот исто така истакнуваат дека целосно стојат на располагање на Фудбалската федерација на Македонија и на сите надлежни институции, со цел, како што велат, правилно и целосно утврдување на фактичката состојба.