
На еден недела пред празникот Духовден на штипскиот пазар можеа да се најдат садови од глина. Грнчарството како семеен занает иако сѐ помалку опстојува, сѐ уште е актуелен, а производите често се барани од луѓето. За производот да стигне до пазар потребно е многу работа и труд, вели нашата соговорничка која дури од радовишко село производите со својот сопруг ги донела во Штип.
Физички е доста напорна работа и бара сила и прецизност. Грнчарските производи не се изработуваат одеднаш, туку во повеќе наврати, а за еден производ да ја добие конечната форма и излед има повеќе чекори. Грнчарските производи на сонце брзо се сушат за потоа да бидат подготвени за цртање и декорирање со керамички бои.
Во минатото најмногу се користеле стомни за полнење вода, но и други садови за подготовка на храна. Денес, пак, тие во најголема мера ја изгубиле својата функција, па повеќе се користат како декор. Производите најчесто се барани пред празникот Духовден, па затоа и повеќе побарувачка се очекува следниот петок.
Традицијата денес во најголема мера е напуштена, а земјените садови се заменети со керамички производи. Сепак, најголема побарувачка сѐ уште има за садови за тавче гравче, во сите големини, грниња за варење грав и тави за потпекување храна во рерна. Како што заклучува нашата соговорничка, да се произведат е вистинско задоволство и убаво хоби од кое може малку и да се заработува.
Ребека Спасова М-Нет