„Крафт“ фестивал на производители на домашни пива во Штип

Во Штип се одржа „крафт“ фестивал на производители на пива во домашни услови. Неколкумина производители од аматерски потфат се одлучиле посериозно да произведуваат пиво, кое, за жал, не може да се купи во големите маркети. Како што велат тие, ваквите настани се вистински начин да се промовира „крафт“ културата, а притоа да се испрати и апел за поголема поддршка на ваквите производители.

„Од тоа што сме навикнати на индустриските пива, овие се малку различни, со повеќе вкус, повеќе ароми. Мислам дека се поприфатливи за повеќе луѓе, но сѐ уште не е подигната културата на некое ниво и со овие настани го постигнуваме тоа, но треба да бидат повеќе поддржани од локални самоуправи“, вели Дарко Трајковски.

„Почнав да истражувам на полето на производство. Поседувам нива со јачмен и успеав во консултација со некои колеги да направиме добри резултати. Но тоа сепак се аматерски обиди“, вели Марјан Костадиновски.

Потешкотии има на почетокот од бизнисот, во однос на обезбедување суровини, но и во однос на правилата и прописите. Пласман на пазарот има, но проблем е вадењето лиценци и дозволи.

„Имаме проблем околу вадењето лиценци и дозволи. Тоа е некоја отежната процедура за која сметаме дека постојат многу начини да се олесни. Ако самите не можеме да се справиме, може да земеме пример од соседните балкански држави кои веќе на големо се занимаваат со крафт пиварство“, објаснува Марко Миховски.

Ваквото пиво е поинакво од индустриското и бара многу вложување, но доколку правилно почнете со работа, може да се смета како исплатлив бизнис.

„Пивото се прави од јачмен, вода, хмељ и квасец. Нема никакви стабилизатори, нема никакви хемиски супстанци, туку сѐ е на природна база. Подолго време се чека да стаса, подобри вкусови излегуваат, бидејќи материјалите се со подобар квалитет“, додава Дарко Трајковски.

Настани за промоција и дегустација на домашни пива се организираат во повеќе градови низ државата и интересот е голем, а често ги посетуваат и гости од соседните балкански држави, како Бугарија, Србија и Грција.

Ребека Спасова М-Нет