
РК Пелистер ја продолжува успешната приказна со Никола Граховац, откако клубот официјално потврди нов договор со искусниот кружен напаѓач за сезоната 2026/27, со можност соработката да биде продолжена и за уште една година.
Само неколку натпревари беа доволни за стручниот штаб и раководството да го препознаат квалитетот на Граховац, кој брзо се вклопи во системот на игра и се наметна како важна алка во тимот. Неговата борбеност, искуство и сигурност во играта на линијата донесоа дополнителна стабилност во редовите на битолчани.
Пред да пристигне во Македонија, Граховац настапуваше во силни европски шампионати како оние во Хрватска, Унгарија и Германија, што дополнително го потврдува неговиот квалитет и интернационално искуство.
Со продолжувањето на договорот, Пелистер обезбедува силна конкуренција на позицијата кружен напаѓач, каде Граховац заедно со македонските репрезентативци Жарко Пешевски и Самоил Ристевски ќе претставува значаен адут за амбициите на клубот на домашна и европска сцена.
Битолската публика дефинитивно ќе има уште многу причини за задоволство, бидејќи Граховац и во наредниот период ќе го носи зелено-белиот дрес и ќе биде еден од носителите на играта на битолчани.