
Низа градежни активности на терен во Штип, се работи во неколку населени места, на асфалтирање на повеќе улици, уредување на влезови пред станбени згради и слично. Денеска започнаа активностите за уредување и асфалтирање на улицата Кајгана. Како што посочи градоначалникот Иван Јорданов се инвестира во реконстуркција на веќе постоечката инфраструктура.
„Моментално се наоѓаме во населба Сењак на улицата Кајгана каде се припрема теренот за асфалтирање. Но, се работи и на улица Пиринска на уредување на влезовите на неколку станбени згради, се работи на улица Сајбие Демир во населба Сењак 4. Се припрема асфалтирање во село Драгоево, а ќе се асфлатира и во село Шашаварлија.“ – вели Јорданов.
Во меѓувреме се работи и на капиталните проекти, како активности на обиколницата која треба да ги поврзува населбите Пребег и Железничка со викенд населбата Плуждино, а започна и завршната фаза од изградбата на булеварот Партизанска и изградба на нов кружен тек.
„Овде ќе ја посочам и улицата 9 Мај која деновиве треба да биде изасфалтирана. Освен постоечката инфраструктура започнати се активности и за нова инфраструктура. Се работи на обиколницата, како и на изградбата на кружниот тек на булеварот Партизанска“ – додава Јорданов.
Најголем дел од овие активности треба да бидат завршени до почетокот на предизборната кампања.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет