
Фудбалската федерација на Македонија донесе одлука за случајот со Гостивар и фудбалерот Гордијан Христовски.
Според одлуката на ФФМ, Гостивар е казнет со одземање на три бода од своето конто, и со парична сума од 1000 евра поради неправнилниот настап на нивниот играч Гордијан Христовски во првото пролетно коло односно од 16. коло од Втората македонска фудбалска лига против екипата на Локомотива Пехчево.
Мечот е регистриран со 1:0 колку што и заврши овој натпревар, но сепак Гостивар ќе сноси одговорност поради неправилниот настап, па така на своето конто наместо 43 бодови сега има 40 бодови.
На фудбалерот на Гостивар, Гордијан Христовски му се изрекува дисциплинска мерка за забрана на настап во период од шест месеци, дисциплински прекршок по член 84, став 1, алинеа 6 од Дисциплинскиот правилник.
Гостиварчани ја нарекуваат одлуката скандалозна и имаат прашање до ФФМ.
Трката за местата во Првата македонска фудбалска лига сега е „разгорена“ и тоа ќе понуди неверојатен фудбал, неизвесност, борба во следните 13 кола. Гостивар, Воска Спорт и Вардар сега имаат по 40 бодови и ја делат првата позиција, а пак на четвртото место е Пелистер со 36 бодови.