
Вкупно 66 ученици-спортисти аплицираа на јавниот повик што го распиша Општина Штип за доделување стипендии на млади спортисти кои се активни во индивидуални и колективни спортови, во машка и женска конкуренција.
За таа цел беше формирана петчлена комисија која ги разгледа сите доставени пријави. Согласно однапред утврдени критериуми, со бодување што ги опфаќаше успехот во образованието и спортските резултати беше утвредено дека 41 ученик-спортист ги усполнува условите да добива месечна стипендија од страна на општина Штип.
Стипендиите ќе се доделуваат во текот на 12 месеци и се распределени, така што 11 спортисти ќе добиваат по 3.000 денари месечно, 21 спортист по 4.000 денари месечно, 7 спортисти по 5.000 денари месечно, еден спортист ќе добива по 6.000 денари и еден спортист ќе добива стипендија од 7.000 денари месечно.
Преку оваа мерка, општина Штип директно ги поддржува младите талентирани спортисти, придонесувајќи за нивниот понатамошен спортски и личен развој. Право на аплицирање имаа ученици од основните и средните училишта од општина Штип и кои се жители на општина Штип.
Ова мерка општина Штип ја воведе за првпат, истата се покажа како многу важна за младите спортисти кои се решија да аплицираат на истата, со што се потврдува приматот зошто Штип е европски град на спортот.
Александар Ванев, М-Нет