
Македонскиот ракометен шампион Еурофарм Пелистер го промовираше првото засилување откако постигна договор со искусното лево крило Дејан Манасков, трансфер кој изминатиот период се најавуваше, а денес конечно беше потврден и реализиран.
Дејан доаѓа во клубот каде настапуваше во минатото неговиот татко Пепи каде направи голема кариера. 31-годишниот Манасков ќе ја засили конкуренцијата на левото крило, а тука битолачни ги имаат Петар Атанасијевиќ и Цветан Кузманоски.
Манасков беше првак на Македонија и Унгарија, неколку пати играше на завршниот турнир на Лигата на шампионите во Келн во дресот на Веспрем, ја освојување СЕХА лигата, а со својата витрина има многу индивидуални награди.
Манасков првиот тренинг со новите соиграчи ќе го има утре, а првиот официјален натпревар е предвиден на почетокот на плеј-офот во февруари.
„Неговото презиме предизвикува емоција кај армијата наши навивачи. Манасков пак ќе постигнува голови во дресот на Пелистер! Задоволство ни е што по децении и децении уште еден Манасков е наш член. Дејан Манасков е нов член на Еурофарм Пелистер и од денес им се става на располагање на новите соиграчи и членовите на стручниот штаб. Левото крило со богата интернационална кариера целосно се вклопува во мозаикот на тим сочинуван од најдобрите македонски ракометари и елитни странци. 31-годишниот Манасков поникна во Металург, ги носеше дресовите на Вецлар, Рајн Некар Левен, Веспрем и Вардар 1961, а со македонската репрезентација беше дел од сите успеси во последната една деценија. Дејан Манасков беше првак на Македонија и Унгарија, неколку пати играше на завршниот турнир на Лигата на шампионите во Келн во дресот на Веспрем, ја освојуваше СЕХА лигата, а во својата витрина има многу индивидуални признанија“, велат битолскиот клуб по промоцијата на Дејан Манасков.
Еурофарм Пелистер плеј-офот го отвара против Бутел Скопје.
Александар Ванев, М-Нет