
Шестото коло го носи големото дерби на Првата ракометна лига меѓу Вардар Неготино и Драчево Јуниор, соочување на два конкуренти кои водат трка за првото место кое води директно во Суперлигата.
Вардар Неготино после неочекуваниот пораз во Штип од екипата на Текстилец, а откако претходно го загуби и дербито со Младост во Богданци го промени тренерот, па ракометната легенда Пепи Манасков повеќе не е тренер.
Дербито е повеќе од важно и за двете екипи, тимот на Вардар Неготино ќе мора да триумфира ако сака да остане во сериозна трка со конкурентите за првото место, а пак Драчево Јуниор со триумф ќе ја продолжи победничката серија на резултати.
Од таа причина притисокот ќе биде поголем кај Вардар Неготино, кој на свој терен ќе бара триумф против Драчево Јуниор, а веќе и верните „винари“ се мобилизираат за силна поддршка во сала.
Во рамки на 6. коло Кичево ќе го пречека фаворитот Младост, Партизан како фаворит ќе игра против шампион, Овче Поле ќе се соочи со Јехона, а пак штипски Текстилец ќе гостува кај Македонија ЃП.
Еден меч од оваа рунда се одигра откако Мулти Есенс со 44:24 го декласираше составот на Преспа од Ресен.
Александар Ванев, М-Нет