
Нови паркови и зелени површини ќе се градат во Општините Штип и Гоце Делчев во Бугарија, како дел од проектот за позелен пограничен регион. Со ова се предвидува двете општини да добијат поголеми зелени површини со што ќе се зачува чиста и животната средина.
„Во проектот е предвидено да се реализираат активности кои ќе резултираат со изградба на паркови во општините Штип и Гоце Делчев. Ние имаме обврска да изработиме стратегија за зелена инфраструктура.“ – вели Здравков.
Ова е втор прекуграничен проект кој се реализира со Општина Гоце Делчев од Бугарија. Предвидено е нов парк во населбата Осми Ноември, но и парк кај бањата Кежовица на површина од 18 хектари. Дополнително и Општина ќе учествува со сопствени средства во низа проекти, со што Штип годинава ќе добие зелена трансформација.
„Повеќе од 280 илјади евра се предвидени за парковни површини преку овој проект, на три локации, повеќе од еден хектар ќе имаме зелена површина, уредена. Дополнителни ние како Локална самоуправа од сопствени средства предвидуваме финансирање на низа проекти во рамки на таа зелена агенда. Деновиве ќе започне изградбата на мега паркот покрај булеварот Партизанска.“ – вели Јорданов.
Во Општина Гоце Делчев пак ќе се работи на реконструкција на плоштадот Македонија и уредување на паркот кој се наоѓа таму.
„Кај нас ќе биде обновен и реконструиран плоштадот Македонија, тоа е местото пред нашиот културен дом, заедно со целиот парк кој треба да биде обновен. Ќе се работи и на воведување на нови содржини за прошетка, за забава и одмор на граѓаните.“ – вели Москов.
Во оваа приоритетна оска беа одобрени пет проекти со вкупен износ од 4,1 милион евра. Сите пет проекти во изминатиот период започнаа со имплементација и се очекува да бидат завршени во наредните две години.
„Министерството за Локална самоуправа учествува со 15% кофинансирање на целиот проект и очекуваме да се исполни очекувањето од овој проект за позелен пограничен регион и и отворање на нови работни места“ – вели Вангелски.
Проектот за позелен пограничен регион е со вкупна вредност од 860илјади евра и треба да биде реализиран во наредните 24 месеци. Опфатени се општините Штип, Виница, Куманово, Струмица и Крива Паланка.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет