„Генералка викенд“ во Кочани, се чистат неколку локации во градот, а зголемен е и бројот на учесници

Втора година по ред Општина Кочани се вклучува во акцијата „Генералка викенд“ која пак на ниво на државата се реализира четврти пат по ред. Оваа година во акцијата се вклучени сите ученици од основните и средни училишта во Кочани, како и децата од детската градинка Павлина Велјанова. Ќе се чистат повеќе локации во градот, а акцијата се спроведува со цел почист град и почиста животна средина.

„Нашата општина зема учестви по втор пат, по минатогодишната успешна акција. Оваа година може да се каже дека бројот на учесници е зголемен, учество зедоа учениците од сите основни и средни училишта како и од градинката. Се чисти на неколку локации како Асном, Градскиот панаѓур, училишниот двор на гимназијата и ООУ „Кирил и Методиј“, како и споменикот на слободата.“ – вели Спанчевска.

Оваа година ќе се чисти во сите 81 општина и во Националните паркови Шар Планина и Галичица. Повеќе од 16.000 волонтери од над 200 организации, граѓански, спортски и пензионерски здруженија и од повеќе од 300 образовни институции се очекува да излезат и да чистат на над 300 локации. Акцијата во државата ќе се спроведе во периодот од 17 до 19 мај.

Лаура Стојанова М-Нет