Второлигашкото источно дерби од Гевгелија директно на Мнет ТВ и на каналот Мнет Спорт

Во истовреме, поради локалните избори, во ист ден во сабота ќе се одиграат натпреварите во рамките од Првата и Втората фудбалска лига на Македонија. Во ова 7 коло во Втората лига Исток вниманието ќе биде насочено кон Гевгелија каде што ќе се „судрат“ лидерот на табелата Каменица Саса која засега има 16 бодови и шестопласираниот тим на Кожув кој има освоено 7 бодови. Гевгелискиот второлигаш кој постојано во минатото фигурираше при врвот на табелата, годинава има нешто послаб учинок, односно две победи, еден нерешен резултат и три порази. Тимот на „рударите“ игра одлично, нанижа 5 победи и одигра еден нерешен резултат и тоа во Прилеп против Победа. Шефот на стручниот штаб Горан Здравков ја истакнува одличната подготвеност, воиграност и колективна игра на целиот тим кој стриктно ги извршува поставените задачи на теренот и сето тоа координирано со одличната соработка со раководството на клубот кој не остава ништо на случајноста. Амбициите на сите во клубот а и расположението кај симпатизерите води кон тоа тимот на Каменица Саса да се врати на старите славни патеки и повторно да биде во друштво на најдобрите, односно во Првата Македонска фудбалска лига. Натпреварот Кожув – Каменица Саса ќе се одигра во сабота – 16 октомври 2021 г. со почеток во 14.00 часот кога благодарејќи на одличната соработка со ФФМ ќе започне и директниот пренос на нашата Мнет ТВ и на каналот Мнет Спорт на радост и на задоволство на армијата фудбалски навивачи.

Драги Герасимов – Пушка Mnet.mk