
Изминатиот викенд второлигашите ги одиграа „генералките“ како последна проверка пред стартот на новата сезона, шефовите на стручните штабови имаа можност за проверка на тоа што го работиле изминатиот период.
Детонит Плачковица со минимални 0:1 славеше во Гевгелија на последниот контролен меч против Кожуф. Новото засилување на радовишани Филип Димоски беше единствен стрелец на овој контролен меч.
За Дарко Крстески кој е нов тренер на Кожуф ова беше прв контролен меч откако пред десеттина дена го презеде кормилото на овој второлигаш.
Осогово со триумф ги заврши летните подготовки откако со 2:1 го доби Тетекс на последниот контролен натпревар.
Беласица триумфираше со минимални 1:0 над Работнички на контролен меч кој се играше во Струмица. Во натпревар со шанси и за двете екипи, новото засилување Пепи Ѓоргиев постигна гол во самиот финиш за минимален триумф на струмичани.
Пелистер загуби на меѓународен контролен натпревар од Поградец, откако албанскиот тим славеше со резултат од 4:2.
Брера со пресврт стигна до триумф од 3:2 на меѓународниот натпревар против Санта Луција. Второлигашот од Малта кој го предводи штипскиот стратег Емил Грнев прв дојде до водство, а потоа во текот на мечот струмичани направија пресврт за славје од 3:2.
Новата сезона во Втората лига започнува на 15 август со мечевите од првото воведно коло.
Александар Ванев, М-Нет