Второлигашите натпреварите мораат да ги започнат и завршат со три домашни фудбалери под 21 година!

Со измените во пропозициите за сезона 2025/2026 младите фудбалери под 21 година добиваат повеќе простор за игра во Втората македонска фудбалска лига.

Сите клубови учесниците во Втората лига, натпреварот мора да го започнат и завршат со три домашни фудбалери, кои немаат навршено 21 година.

За екипата која, од причини поврзани со Ковид или друг предизвикувач, остане со 11 фудбалери кои можат да настапат, став (1) од членот 20б од пропозициите за сезона 2025/2026 не е задолжителен.

Во натпреварувачката сезона 2025/2026 година, право на настап како фудбалери до 21 година, во смисла на Пропозициите за натпреварување во Втора МФЛ, имаат сите фудбалери родени на 1 јануари 2004 година и подоцна. Фудбалерите од став (3) на овој член имаат право на настап како фудбалери под 21 година за времетраење на целата натпреварувачка година.

Клубот нема обврска натпреварот да го заврши со пропишаниот број на фудбалери кои немаат навршено 21 година доколку се искористени сите можности за измена или доколку фудбалер/ите под 21 година се исклучени.

Доколку некој од фудбалерите од став (1) е повреден, треба да биде заменет со фудбалер до 21 година. Во случај и тој фудбалер да се повреди, клубот нема обврска натпреварот да го заврши со фудбалер кој нема навршено 21 година. Домашниот фудбалер од став (1), кој согласно правилата на ФИФА има право на настап и за странска репрезентација (на официјален и/или неофицијален натпревар), доколку пред или за времетраењето на првенството биде повикан и одбере да настапува за странската репрезентација, го губи статусот на фудбалер кој нема навршено 21 година – се до настап за селекција на ФФМ, кога повторно го стекнува статусот на фудбалер кој нема навршено 21 година.

Доколку фудбалер бил повикан и одбрал да настапува на официјален натпревар за странска репрезентација во некоја претходна сезона, со настап за селекција на ФФМ (на официјален и/или неофицијален натпревар со друга странска репрезентација) повторно го стекнува статусот на фудбалер кој нема навршено 21 година.

Во временски период од 48 часа, фудбалерите имаат право да настапат на најмногу три полувремиња, од кои најмногу 2 две полувремиња за период од 24 часа.

Александар Ванев, М-Нет