Вработени во Судот во Штип од денеска на штрајк, бараат покачување на платите

Од денеска на штрајк излегоа вработените во Основен Суд Штип. Бараат зголемување на платите од 2.806 денари, како и обезбедување на средства за К-15. Според претседателката на синдикалната организација, Верица Тасева, во Судот во Штип има вработени кои се со високо образование, а не ја земаат платата која ја заслужуваат.

„Можам да кажам дека вработените во Основен Суд Штип се одзваа на одлуката за повикување на штрајк и штрајкуваме. Штрајкот започна од денес, барањата се да се направи линеарно покачување на платите за 2.806 денари, да се потпише општ колективен договор за целиот јавен сектор и да се обезбедат средства за К-15 за 2022 година. Значи, можам да кажам дека се штрајкува во јавниот сектор секаде каде вработените се синдикално организирани.“ -кажа Тасева

За време на штрајкот ќе се работат само 10% од сите работни кои треба да се завршат, со цел да им се излезе во пресрет на потребите на граѓаните, но неминовно е дека последици на свој грб ќе почувствуваат и тие.

„Па има известување што сѐ треба да се работи, односно 10% минимум од работите што ги работи јавниот сектор ќе се работат со цел на сите граѓани кои имаат неопходни потреби, а поврзани со вработените во јавниот сектор да им се излезе во пресрет, но секако ќе почувствуваат граѓаните. И ние не сакаме тоа да се случи, меѓутоа мора да бидат сите трпеливи, пак ќе кажам ние сме само работници кои сакаат со свој труд да си обезбедат достоинствен живот, а земаат многу ниски плати“ – додаде Тасева.

Штрајкот ќе трае се до исполнување на барањата. Тасева истакна дека се надеваат дека надлежните ќе вразумат, бдејќи барањата се минимални и оправдани и треба да им бидат исплнети.

Лаура Стојанова М-Нет