
Голем е интересот за кикбоксот како спорт во Штип, а кик бокс клубот Гладијатор Фајт е расадник на млади таленти кои нижат големи успеси не само во Македонија, туку и низ Европа на големи и силни меѓународни натпреварувања.
Таков е пример со младите кикбоксери Антонија Тасева, Јован Јанков и Баже Јанев, кои со многу желба, љубов, труд, жртва, посветеност, дисциплина нижат големи успеси и носат медали од големите меѓународни натпреварувања, па со тоа тренерот Шенол Асанов го прават горд, а горд е Штип, но и цела Македонија.
Тасева е државен првак на Македонија, таа тренира пет години, а за М Нет телевизија зборуваше за желбата кон овој спорт, како и за медалите и успеси.
„Јас тренирам пет години, каде што три години се борам и сум државен првак. Ова желба дојде сама од мене и се надеваме на се подобро и подобро. Мислам дека имам 14 медали од 15 борби. Сите ми се драги, не можам да одвојам. Мислам дека беше во Јагодина каде што освои злато, таму имав две противнички една по друга и ми беше малку потешко, но успеавме да ги победиме“, вели Тасева за М Нет телевизија.
Младиот Баже Јанев пак тренира четири години, а тој е три години државен првак на Македонија. Вели дека со многу труд и посветеност може да се стигне до голем успех.
„Јас тренирам четири години, три години по ред сум државен првак“, вели младиот Јанев.
Јанков вели дека кикбокс како спорт е тежок, тој тренира две години, а желбата кон овој спорт му дошла сама.
„Тренирам две години и сама ми дојде желбата. Тежок е овој спорт, секој спорт е тежок. Многу ми е важно ова затоа што имам многу труд вложено во сите борби и медали. Во иднина ќе се надеваме за се подобро“, вели Јанковски.
Пред младите спортисти следуваат нови предизвици, подготовки за учество на нови големи спортски настани, но едно е сигурно, со голема посветеност, љубов и желба успесите и медалите сигурно доаѓаат, а Штип и Македонија ќе бидат горди на овие млади талентирани спортисти.
Александар Ванев, М-Нет