
Утре сабота 1 ноември ќе гласаат затворениците. Во КПУ Затвор Штип има вкупно 105 затвореници кои имаат право на глас, од 23 општини во кои ќе се спроведе втор гласање за градоначалник. Во првиот круг гласаа 221 осудено лице во КПУ Затвор Штип.
„Утре сабота ќе се спроведе гласањето во КПУ Затвор Штип, за оние општини кои имаат втор круг гласање и за град Скопје. Имаме вкупно 23 општини со 105 лица кои имаат право на глас.“ – вели Вацев.
Во меѓувреме пристигна и доверливиот материјал, со што се е подготвено за гласањето во штипскиот затвор.
„Во текот на вчерашниот ден од страна на ДИК пристигна избирачкиот материјал, тоа се избриачките списоци и гласачките ливчиња, исконтролиран е и се е во ред со него.“ – додава Вацев.
Инаку, со денешниот ден завршува изборната кампања за вториот круг од Локалните избори 2025 година, односно од полноќ започнува изборниот молк кој трае до 19:00 часот на 2 ноември 2025 година.
Од АВМУ со апел сите медиуми да ја прилагодат својата програма.
„При известувањето во деновите на изборниот молк ќе се смета дека медиумите го прекршиле изборниот молк доколку емитуваат, односно објават какви било информации, фотографии, аудио и аудиовизуелни материјали поврзани со или во кои учествуваат учесници во изборите, какви било облици на медиумско известување кои се отворено или прикриено во функција на нечија кампања и можат да влијаат врз одлуката на избирачите, податоци со кои се открива идентитетот на политички субјекти и/или поединци вклучени во инциденти или неправилности на денот на гласањето; како и изјави од кандидати во изборниот процес, од претставници на политички партии и од носители на функции во органите на власта.“ – велат од агенцијата.
Агенцијата очекува сите медиуми, почнувајќи од ноќеска на полноќ, да ја прилагодат својата програма за изборниот молк.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет