
Фудбалските третолигаши од групата Исток ги наполнија батериите и во недела ќе го започнат првенствениот бој во пролетниот дел. Се одиграа повеќе контролни средби, многу екипи ги засилија своите редови со нови фудбалери и сите прогнози велат дека во втората полуетапа се очекува игра за фудбалските сладокусци на истокот. На првото место презими екипата на Брегалница од Делчево која собра 28 бодови, на второ место е Детонит од Радовиш со 26 бодови, на третото место Овче Поле од Свети Николе има 24 бодови а четвртото место го делат Малеш од Берово и Хоризонт од Турново со по 22 освоени бодови. Меѓу овие екипи треба да се бара новиот првак на истокот и сите тие се со големи шанси да успеат во тоа. Веќе во првото коло во Свети Николе ќе се сретнат екипите на Овче Поле и на Малеш од Берово . Тренерот на Малеш, Дамјан Аврамски во денешниот разговор вели дека со Овче Поле ќе одиграат растеретено, без комплекси и со можност да направат изненадување. Во играчкиот кадар ќе фалат неколку казнети и повредени фудбалери а најмногу очекува од голгетерот Андреј Симевски кој се жали на ситна повреда, но се прават усилби до недела тој да биде подготвен и во почетниот состав. Што се однесува до амбициите за пролетниот дел, Аврамски посакува добра игра од своите играчи, дисциплинирано извршување на тактичките замисли и ако се укаже можност со силен напад на првото место. Топката е тркалеста и во зависност од малку фудбалска среќа се е можно. Во останатите средби од ова прво пролетно или редовно 12 коло, во Делчево лидерот Брегалница го пречекува тимот на Карбинци, на Тиверија во Струмица ќе и гостува екипата на Чешиново, во Радовиш Детонит ја пречекува екипата на Спартмани од Градско Балдовци, во Турново ќе играат Хоризонт и Раклиш, а во Василево ќе гостува тимот на Работник од Лозово. Сите натпревари ќе се одиграат во недела 14 март со почеток во 15.00 часот.
Драги Герасимов – Пушка Mnet.mk