Во сабота нов „Марш за ангелите“ во Кочани, со почеток во 18:05 часот

Во сабота 5 јули 2025 година семејствата на настраданите од пожарот во Пулс по тринаесети пат ќе маршираат за нивнит ангели. Маршот започнува во вообичаеното време во 18: 05 часот од градскиот парк во Кочани преку трговскиот центар, општинската зграда, до полицијата, завршувајќи пред Судот и јавното обвинителство.

„Ве известуваме дека „Маршот за ангелите“ единствено е организиран од семејствата на починатите и повредените во пожарот во Кочани и ги замолуваме сите граѓани да го почитуваат ова и да не се приклучуваат доколку целосно не го прифаќаат и поддржуваат маршот и неговата реализација“ стои во писменото известување испратено до медиумите.

Маршот за ангелите се организира секоја сабота, со цел да се добијат одговори од институциите и правда за сите кои настрадаа во пожарот во дискотеката Пулс на 16 март годинава. Семејствата во неколку наврати претходно истакнаа дека ќе се борат до крај за да добијат правда за нивните починати деца.
Во пожарот во Пулс во Кочани загинаа 62 лица, а околу 200 беа повредени.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет