Во ОУ „Никола Карев“ се отвори првиот „Вики-клуб“ во Кочани

Основното училиште „Никола Карев“ го доби првиот „Вики-клуб“ во Кочани. Учениците беа запознаени со тоа како се пишуваат и поставуваат текстови на македонски јазик на македонската „Википедија“, нешто што веќе го има во повеќе градови од државата. Елена Крстева, менаџер за образовни проекти, вели дека ваквата активност опфаќа знаења од повеќе области.

„Кога зборуваме за македонската Википедија, пишуваме статии поврзани со географија, историја, култура, музика, спорт и други области. Имаме доста Вики-клубови отворено во Македонија. Тоа се Вики-клубови во Кочани, Неготино, Скопје, Охрид и други места. Секој Вики-клуб си има еден наставник и деца коишто го водат тој Вики-клуб и придонесуваат за Википедија да има многу статии за секој којшто сака да чита“, вели Елена Крстева, менаџер за образовни проекти во „Глам Македонија“.

Договорите со амбасади предвидуваат награди за најдобрите пет ученика кои ќе уредат текст на македонски јазик. Учениците добиваат ваучери или скромни награди, што според Крстева, е многу интересен предизвик за нив.

„Досега имаме отворено повеќе такви уредувачки натпревари со повеќе амбасади, со Шведска амбасада, со Српска амбасада, со Норвешка, со Германија, Руска амбасада и други. Децата добиваат награди и им е многу интересно“, додава Крстева.

„Глам Македонија“ организира и кампови со ваква намена, а досега истите се имаат реализирано во Маврово, Дојран и Велес.

Ребека Спасова М-Нет