Во касарната „Јане Сандански“ одбележан 18-ти Август – Денот на Армијата

Почитувајќи ги препораките и мерките за заштита од COVID – 19, како и наредбата и насоките од претпоставената команда, денес во касарната „Јане Сандански“ во Штип беше одбележан Денот на Армијата. Денот, кога пред 28 години во далечната 1943 на падините на Славеј планина, е создадена првата организирана формација на македонската војска, односно баталјонот „Мирче Ацев“ формиран од одредот „Дамјан Груев“.

Денот на Армијата годинава беше одбележан со скромна, но достоинствена свеченост со дефиле на знаменскиот вод, само во присуство на војниците и нивните надредени, пред кои се обрати командантот на касарната, потполковник Стојанче Костов. Тој ги истакна достигнувањата на Армијата во изминативе години, како што се пристапувањето кон иницијативата „Партнерство за мир“ и учество во многу процеси и вежбовни активности под покровителство на НАТО, учество на мултинационални воени маневри „Мировен орел ‘96“ надвор од границите на државата, потоа учество на многубројни мултинационални и национални воени вежби и националната комбинирано-здружена теренска вежба „Одлучен Удар“ која минатата година се одржа на АП Криволак, а на која учествувале околу 2700 припадници на вооружените сили на САД, Црна Гора, Бугарија, Албанија и Литванија и Армијата на Република Северна Македонија како земја домаќин.

Потполковник Костов истакна и дека во меѓународни рамки, со повеќе од 4.000 припадници, Армијата учествувала во мировните операции во Ирак, Авганистан, Либан и БиХ со што покажала висок степен на одговорност, обученост и интероперабилност во извршувањето на задачите со НАТО партнерите.

Во продолжение прочитајте дел од обраќањето на потполковник Стојанче Костов:

За прв пат оваа година го одбележуваме Денот на Армијата како полноправна 30-та членка на НАТО алијансата што нас припадниците не прави почестени и особено горди. Самостојна, суверена и независна Република Северна Македонија има 28 години сопствена Армија чии корени се длабоко втемелени во вековната борба за слобода на македонските воини, востаници и борци. Овој ден кај секој искрен и чесен граѓанин на оваа земја ги буди емоциите и ги тера да се наврати назад во времето на пркосот и непокорот, во времето на формирањето на македонската државност.

Процесот на создавање на македонската армија е нераскинливо поврзана со стремежите и делата на нашите претходници и великани од пред илинденскиот и илинденскиот период кои храбро и пожртвувано го кренаа факелот на слободата, на борците од НОБ на Македонија кои со одлуките на АСНОМ ги удрија темелите на современата македонска држава...

Почетокот на формирањето на Армијата воопшто не беше лесен. По осамостојувањето на 8-ми септември 1991 година и повлекувањето на тогашната ЈНА, кога конечно се оствари многувековниот сон на македонскиот народ за независна, суверена и самостојна држава, државното раководство и граѓаните по мирен пат започнаа со изградба на државните институции.

По донесувањето на Законот за одбрана на 14 Февруари 1992 година се дефинираше и системот на одбраната, а Армијата стана еден од главните стожери на македонската државност и гарант на македонската сувереност. Во тешки и непредвидливи безбедносни околности и со лимитирани ресурси, се формираше Армијата со сопствени сили и капацитети и на 27 Март 1992 година, целосно ја презеде контролата на целокупната територија на државата.

Низ годините со развојот на државата се развиваа и капацитетите и способностите на Армијата...

Почитувани!

Да се биде припадник на Армијата претставува огромна чест, задоволство, но и обврска. Императивите, обврските и одговорностите кои произлегуваат од војничката професија, подеднакво ги делат сите нејзини припадници.

Изминатите 28 години се успешна потврда дека со љубов кон татковината, лојалност, одговорност и посветеност кон реформите, цврсто уверени во нашите можности и во нашиот стручно респектабилен човечки потенцијал, изградивме Армија достојна за почит и полноправна членка на НАТО алијансата.

Секој од нас, независно од работната позиција која ја вршел или ја врши, денес ги споделуваме изминатите 28 години историја на нашата Армија. Денес имаме право да сме горди. Поминавме долг пат на искушенија кои оставија траги и врз нашите индивидуални животи и врз колективитетот...

Тука сме секогаш кога е потребно и најтешко. Армијата е столб на одбраната, го одржуваме мирот и безбедноста на сите граѓани преку асистенција и подршка на силите на МВР во справување на бегалската криза на јужната граница, учествуваме и даваме поддршка на државните и локалните институции во борба против невидливиот непријател кој за жал зема се поголем замав, а тоа е борбата против светската пандемија COVID – 19, го штитиме населението од елементарни непогоди и други неконвенционални закани, за што како институција уживаме најголема доверба и углед меѓу граѓаните...

Почитувани!

Како командант на 2. пешадиски баталјон и касарната „Јане Сандански“ овде од оваа место, сакам да им оддадам јавно признание на сите жени и мажи, војници, подофицери, офицери и цивилни лица, припадници на 2.пб, командите и единиците разместени во касарната за своето несебично и професионално ангажирање во афирмација на Армијата и гарнизонот во целост.

Дозволете ми на крајот на сите припадници да им го честитам Денот на Армијата, а на унапредените, наградените и пофалените им честитам и им посакувам успех во понатамошното извршување на функционалните задачи.

Нека ни е честит Денот на Армијата со желби за добро здравје и успех!

ДА ЖИВЕЕ АРМИЈАТА НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА!

ДА ЖИВЕЕ РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА!