
Започна последната фаза од изградбата на полузатворениот градски пазар во Штип. Во пресрет на сезоната, пазарџиите ќе имаат соодветно место за продажба на градинарските и земјоделски производи, а купувачите услови за да пазаруваат. Увид во градежните активности на лице место денеска изврши градоначалникот Иван Јорданов, кој истакна дека во наредниот период ќе се постават и нови 100 тезги.
„Започнуваме со последната фаза од изградбата на полузатворениот пазар кој го најавивиме пред неколку месеци. Станува збор за инвестиција на Општина Штип во вредност нешто повеќе од 12 милиони денари. Се очекува во наредните денови да се изврши бетонирање на самото плато, асфалтирање на пристапната улица за простор за паркирање со оглед на тоа дека станува збор за полузатворен тип на градски пазар кој ќе го користат пазарџиии купувачи“ – вели Јорданов.
Со новиот полузатворен пазар во Штип ќе се работи и на решавање на проблемот со дивите пазарџии. Целта е како што вели Јорданов, и пазарџиите и купувачите да се насочат кон едно место со што нема да се узурпираат јавните површини и паркинг места за продажба на производи.
„Надлежноста на кумуналните инспектори, но и на пазарна инспекција и на СВР Штип е пресудна за да се прекине оваа тенденција и да се насочат овие препродавачи и пазарџии да го користат просторот, платото на градскиот пазар. Еден од условите и начините за да тие се канализираат овде е да се создадат подобри услови за да ги мотивираме купувачите да го посетуваат градскиот пазар“ – вели Јорданов.
Со новиот полузатворен пазар во Штип се нуди можност да се заштита и купувачите, но и да се создадат нови услови за продавачите.
Лаура Стојанова М-Нет