
Автомобили и моторцикли е забрането да се движат на пешачката патека во Штип, но праксата зборува дека ова правило неретко се прекршува. Во претходниот период граѓани кои рекреираат и спортуваа беа сведоци на моторцикли и моторни возила кои се движеа по пешачката патека покрај река Брегалница. Велат дека со ова се загрозува нивната безбедност, кога ја користат патеката. Дека ваквиот проблем постои свесни се и од ЈП Стипион. Но, директорот Панче Стефановски е дециден дека знаците мора да се почитуваат, во спротивно следуваат казни за несовесните возачи.
„На пешачката патека е забрането движење на сите моторизирани возила, автомобили и моторцикли. Имаме поставено знаци за тоа. Ние сме свесни дека ова не се почитува секогаш и за ова би требало да реагира полицијата и да ги санкционира несовесните возачи кои го натушуваат ова правило. Единствена причина зошто не се блокирани сите прилази и поради можноста да има итни случаи и да треба да помине возила на брза помош или противпожарно возило“ – вели Стефановски.
Револтот на граѓаните, пешаците, е разбирлив за него, па и во оваа прилика упати апел патеката да се користи за пешачење и рекреација, за она што е и наменета. На таков начин ќе се зачува безбедноста на пешаците.
„Нормално јас го разбирам револтот на граѓаните, оваа зона е предвидена за пешачење и рекреирање и тие имаат потполно право да ја користат со таа намена. Апелирам до возачите да не ја користат пешачката патека за возилата за да може луѓето кои рекреираат да се чувствуваат безбедно“ – додава Стефановски.
За проблемот и од СВР Штип потенцираат дека реагираат на секоја пријава, и дека санкции ќе следуваат за сите несовесни возачи кои со своите возила и моторцикли се движат по пешачката патека покрај река Брегалница.
Лаура Стојанова М-Нет