ВМРО ДПМНЕ Штип: Како Бочварски може различно да го толкува Законот? Министерство: Законот е ист за сите!

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски во улога на градоначалник на Општина Штип во 2019 година утврдил правен статус легализирал бесправен објект кој се наоѓа на место викано Пекара. Три години подоцна во улога на министер за транспорт и врски донел решение со кое го огласува за ништовно решението кое претходно самиот го донел. Ова денеска беше истакнато на прес конференција на ОК на ВМРО ДПМНЕ Штип, од каде упатуваат низа прашања до Бочварски.

„Прашуваме:
Господине Бочварски кога бевте во право, како градоначалник или како министер?
Кога работевте согласно Закон како градоначалник или како министер?
Дали мислевте како градоначалник дека можете законски да легализирате бесправен објект и дозволите за пишување на правото на сопственост на барателот „Баргала АД“ Штип, внимавајте а истиот барател да го користи објектот врз основа на договор за закуп. Сега во улога на министер се предомисливте по реакција на сопственикот кој го има запишано објектот во имотниот лист, а притоа неколку илјади предмети на граѓаните да чекаат легализација во административниот лавиринт. Веќе којзнае по кој пат прашуваме а Вие како министер и надлежните институции сте должни да одговорите пред граѓаните. Господине министер како е можно како градоначалник да го толкувате Законот на еден начин, а како министер на друг начин“ – прашаа од ВМРО ДПМНЕ.

Од ВМРО ДПМНЕ упатија повик до ДКСК заедно со останатите надлежни институции да оформат предмет по допрен глас.

Законите важат за сите подеднакво, во писмено соопштение вратија од Министерството за транспорт и врски.

„Законите се еднакви и важат за сите, токму поради тоа се покренати судски и управни постапки со кои веќе е утврдена вина кај правното лице Баргала. Министерството за транспорт и врски согласно своите законски надлежности ги презема сите активности за да го заштити јавниот интерес како во овој така и во сите останати постапки“ – стоеше во писменото соопштение од министерството за транспорт и врски.

Лаура Стојанова М-Нет